Субвенции 2019-2020
Според најновите сознанија до кои дојде klimacentarbitola.com субвенциите кои се предвидени да се доделат на општините Битола, Скопје, Тетово и Кичево би требало да се реализираат во наредниот месец до два – значи декември и јануари. Времето за оваа активност воопшто не е соодветно, бидејќи станува збор за средина на грејна сезона, а судејќи според најавите за реализација на оваа мерка потребно е и откажување од нееколошкиот тип на греење – со дрва, парно, нафта и сл. Се поставува прашањето дали е изводливо во ек на грејна сезона, граѓаните да ги носат печките на гореспоменатите горива во фирмата од каде што ќе го купат клима уредот (како што најави директорот на Елекростопанство на Македонија) и дали при тоа нема да настане прекин при греењето на своите домови.
Ова поради фактот што на претходните вакви слични мерки кои беа спроведувани и тоа во помал обем и со значително помалку средства, настана тотален хаос при доставата на клима уредите од страна на продавачите за клима уреди. Исто така се јави и огромен проблем и со нивната монтажа, бидејќи да се разбереме клима уредот е потребно да го монтираат стручни лица и овластени монтери кои не се во состојба да монтираат толкав број на клима уреди. Само како илустрација на подрачјето на општина Битола во текот на цела година не се монтираат повеќе од 500-600 клима уреди и тоа од многу пониска енергетска класа.
Сите знаеме дека особено во општините Битола, Тетово и Кичево речиси и не постојат специјализирани продавници за клима уреди кои имаат на лагер вакви високо енергетски клима уреди (или пак имаа само по неколку парчиња). Снабдувањето со клима уреди најчесто оди со резервирање на клима уредот, чекање истиот да пристигне од Скопје а најчесто и од увоз, потоа може да се чека на монтажа и до неколку недели … Ова ќе рече дека во овој момент ниту продавниците, ниту монтерите, а ниту пак државата знае во каква хаотичност ќе се навлезе. Или пак можеби и тоа е целта: ќе се остави рок од на пример неколку недели за реализација на субвенцијата, кој ќе се снајде ќе се снајде ( а сите знаеме кој ќе биде тоа*) и потоа мерката ќе заврши со минимален процент на реализација а парите што ќе „останат“ ќе бидат плен кој ќе се распредели „домаќински“.
- За да не остане недоречено: тоа ќе бидат сите оние заинтересирани поединци кои ќе имаат увид во конкретните услови за добивање на субвенции и навреме (предвреме) ќе ги имаат обезбедено сите документи и процедури за доделување на субвенциите. Исто така тие ќе ја имаат и договорено и набавката и монтажата на клима уредот предвреме. За сите останати ова ќе биде тежок и макотрпен процес на: транспорт на старите шпорети,печки и останати грејни направи, правење на документи, потпишување на изјави, плаќање во банка, чекање на клима уредот и по неколку месеци, чекање на монтажа … и оп.. мерката завршува
- Наш совет: набавете стара печка или камин со кој не се греете и истиот предадете го на фирмата од која ќе го набавите клима уредот, потпишете изјава дека по набавката и монтирањето на клима уредот нема да се греете со печка на дрва, или друго нееколошко гориво, и откако истиот ќе биде монтиран и целата процедура ќе биде завршена можете да ја демонтирате печката на дрва со која се греете тековно. Дрвата што ќе Ви останат немојте да ги фрлате – ќе ви притребаат! Доколку сеуште трае огласот за субвенции печката многу лесно можете да ја продадете!!! Само на овој начин ќе бидете комплетно сигурни дека нема да останете без греење и во најладните зимски денови.
Проблем пак би рекле и од тотално непознавање на проблематиката е и носењето (предавањето) на старите шпорети и останати грејни тела кои користат фосилни горива, на фирмата – компанијата од која се купува клима уредот. Како прво не е јасно каде тие ќе ги „носат“, како ќе се евидентираат, кои се минимални карактеристики кои треба да ги поседуваат (пример дали може да се однесе печка народски кажано „пампур“), бидејќи колку тоа и да звучи смешно голем дел од населението користи и такви „вселенски“ направи за греење. Друг проблем е потполно непознавање на функцијата на клима уредите: клима уредот, без разлика колку и да е енергетски ефикасен и моќен и без разлика на неговата цена не може во потполност да ги замени гореспоменатите шпорети на фосилно гориво, а особено во градовите кои се предмет на субвенционирање и во периоди кога надворешната температура е под -15 степени. Да не зборуваме во ситуации кога има прекин во снабдувањето со електрична енергија. Ова е особено симптоматично поради тоа што корисникот треба да потпише изјава дека потполно се откажува од стариот начин на греење.
Друга нелогичност е таа што со мерката не е опфатена општина Новаци на чија територија се наоѓа најголемиот загадувач РЕК Битола, што истовремено е дел од Електростопанство на Македонија и негов најголем остварувач на профит од кој пак се доделуваат овие субвенции. Исто така истото може да се каже и за општината Могила. Двете општини најдиректно се засегнати од загадувањето од РЕК Битола.
Затоа нашиот предлог би бил за во иднина, бидејќи се чини дека за оваа мерка не можеме да влијаеме субвенции од државата да се доделуваат на сите општини и на сите граѓани. Социјалниот момент можеби од краткорочен аспект е многу важен но на долгорочен план мора да се води сметка за сите погоре споменати забелешки. Предлогот би бил следниот:
- да се постави временска рамка од најмалку 3 години за реализација на било која мерка за субвенционирање
- државата да субвенционира 50 до 60% од вредноста на клима уредот (со приложување на фискална сметка или фактура). Кај загрозените социјални групи тој процент би можел да биде и поголем. На овој начин со издвоените средства од 10 милиони евра би се субвенционирала набавка на повеќе од 30 илјади висококвалитетни клима уреди со цена од 600-700 евра и би се спречил хаосот при набавката и монтажата, а исто така и подобро би се информирало населението за предностите (но и недостатоците) кои произлегуваат од користењето на клима уред. Значи решенија од типот враќање на стари шпорети, ќумбиња, пампури, изјави и сл. воопшто не е ефикасно решение и исто така отвораат начини за огромен број малверзации и недоследности. Спречување или драстично намалување на користењете на овие нееколошки а можеме да кажеме и не многу економични начини на загревање наједноставно се решава со ригорозна контрола на медиумот за огрев (дрва, пелети, нафта, мазут и сл) како и ригорозна контрола на чадот кој го произведуваат овие горива.
- да се забрани увоз и продажба на клима уреди со нееколошки фреони R22,
- Нееколошко греење да се подразбира и греење со стари и дотраени клима уреди од пред 10-15 години кои немаат инвертер технологија и кои претежно се користат само за ладење, а за греење немаат некоја ефикасност, односно се со Б, Ц или Д енергетска класа.
- да се намали хаосот во монтажата на клима уредите (неовластено и нестручно монтирање)
- соодветно третирање на старите, половни демонтирани клима уреди,