Правилен и сигурен одвод на кондензираната вода
Повеќето од клима-уредите немаат одвод или место за собирање на водата што ја испуштаат додека работат. Речиси на сите поголеми објекти, јавни установи или поголеми претпријатија како и на огромен број на стамбени објекти клима-уредите се поставени од надворешната страна и водата по слободен пад капе од нив. Ова, секако, со години претставува проблем за случајните минувачи, а монтажерите не најдоа начин како да се канализира водата што истекува од уредите поставени на надворешните ѕидови на објектите. Техничарите за поставување на клима-уредите велат дека водата што истекува преку надворешните црева може да се канализира низ олуците и на тој начин проблемот се решава. Ова секако може да се реши само доколку во близина на поставените клима уреди постои олук и доколку сите клима уреди се поставени на скоро идентични места гледано по катови. Останува отворено прашањето зошто ваквите решенија не се практикуваат. Во поново изградените објекти, стамбени згради и сл. се прават некои напори клима уредите да се постават на исто место на сите катови и покрај нив се остава централна цевка за одвод, но се чини дека и тука се посветува доволно внимание на овој проблем што од незнаење што од невнимателност (често пати приклучокот во цевката е на повисоко рамниште од самата клима а водата како што знаеме не може да тече нагоре?!) На пониските катови, решението е да се користат садови за испусната вода, кои, пак, често треба да се празнат.
Во летниот период зачестено се користат клима-уредите и создаваат поголемо количество вода, бидејќи подолго работат. Токму поради ова капењето на клима-уредите врз минувачите треба и соодветно да се реши. За жал, не е секогаш така, а граѓаните честопати не можат око да склопат поради капењето на водата на лимовите од клима-уредите на соседите. Оние што го познаваат системот на работа на клима-уредите велат дека постојат неколку причини за истекување на водата од клима-уредите, но најчестата е негрижата на граѓаните, фирмите или институциите.
– При големите горештини во летниот период секој ден се слуша постојаното капење на водата од клима-уредот на соседтите . И покрај предупредувањата од останатите соседи тие не преземаат ништо да го решат тој проблем. Истата вода завршува на мермерите или плочките пред влезовите на зградите и потоа се лизга и човек може да се повреди. Во зимно време, пак, кога го користи клима-уредот водата замрзнува и повторно претставува голем проблем поради што може да дојде до повреди и скршеници.
Исто така кондензираната вода посебно во летниот период може да содржи голем број на бактерии вируси и останати микроорганизми и сл. кои пак можат да предизвикаат одредени заболувања доколку дојдат во допир со дишните или пак органите за варење.
Често се случува несоодветно поставените клима-уреди да испуштаат вода. Една од причините може да биде затнато или превиткано црево на кондензаторот. Други причини за ова може да се бараат во лошиот пад на клима-уредот. Тоа значи дека нема добар пад ниту цревото, односно надвор цревото е потопено во садот со вода или, пак, недостига фреон во клима-уредот.
– Водата што клима-уредот ја испушта претставува кондензирана вода. Во летното време кога климатизерот лади, внатрешната единица е ладна, па на неа се кондензира вода од воздухот, додека, пак, во зима, кога климатизерот грее, надворешната единица е ладна, па тогаш од неа започнува да излегува вода. Принципот на кој работи клима-уредот е преку регулирање на притисокот на фреонот. Гасовите при изложување на притисок можат да се сменат од гасна во течна состојба и обратно. При тој процес се намалува температурата. Ако сте забележале, кога ќе се испразни одеднаш цело шише дезодоранс тоа станува ладно. Тоа е тој процес на кој реагираат гасовите при менување на притисокот. Овој процес се користи за разладување во уредите како што се фрижидерите и клима-уредите.
Количеството водата што се испушта од климатизерот е различно и зависи од влажноста на воздухот и од јачината на клима-уредот. Во летниот период производството на вода се зголемува и неретко се случува климатизерот да испушта и по еден литар и пол вода на еден час.
Одводот што е поставен слободно од надворешната единица на клима-уредот и не е соодветно прицврстен, претставува можност да се појави проблем. При ветрови кондензираната водата може да заврши кај случајните минувачи или кај соседите. Но постои решение за овој проблем. Поедноставното е да се стави сад во кој ќе се собира водата, и тој ќе треба често да се заменува.
Во понов период голем број видови клима уреди располагаат со греачи на кондензаторот и греачи на куќиштето на клима уредот кои се поставени во долниот дел на клима уредот. Нивната цел е во зимските периоди кога температурата е ниска и е под 0 степени да спречата кондензирата вода од надворешната единица да замрзни во самата клима. Кај овие клима уреди постојат поголем број на отвори за испуст на водата, па е невозможно истата да се спроведи преку едно црево за одвод. Доколку не би било (доколку не би имало голем број на отвори) така насобраната вода која што е во значителна количина ќе замрзне на долниот дел на сливникот на надворешната единица и на тој начин доаѓа до запушување на одводот. Ова претставува сериозен проблем особено доколку температурите се ниски подолг временски период така да водата не можа да се одмрзне по природен пат. Во тој случај мразот постепено се наталожува па чест случај е да нарасне толку многу да зафаќа во перката при што настануваат сериозни оштетувања на моторот но и на самата електроника.
Дополнителен проблем со замрзнувањето на клима уредите претставува недоволната едуцираност на самите клиенти. Треба на сите да им е јасно дека клима уредите не се греалици на струја и работат на потполно различен принцип што впрочем и овозможува да се 3-4 пати поекономични од обичните грејни тела кои користат греачи на струја. Клима уредот влегува во „режим“ 30-40 минути откако ќе се вклучи на греење и не може да се очекува да ја загрее просторијата за 1 час, особено ако таа е многу ладна, а надворешните температури се екстремно ниски. Затоа препорака е доколку надворешните температури се екстремно ниски клима уредот да работи постојано и да не се исклучува во периодите на автоматско одмрзнување (defrost). Токму тука луѓето ја прават најголемата грешка, кога климата треба да се одмрзне, ја исклучуваат бидејќи во тие циклуси таа не дува топло. При тоа исклучување климата останува замрзната (што е нормално бидејќи таа така функционира) и потоа при наредното пуштање таа слабо или воопшто не грее. Овие постапки се повторуваат и на тој начин се јавува фрустрираност кај клиентите.
Значи да резимираме: При екстремно ниски температури од круцијално значење клима уредите да се остават вклучени постојано, а притоа да се води сметка кондензираната вода да се одведува целосно и правилно. На овој начин се обезбедува непречено фунционирање на компресорот и при екстремно ниски температури и на тој начин клима уредот ќе Ви биде Вашиот најголем пријател.